ВОЛШЕБЕН ТЕПИХ

Како мал слушав многу приказни за волшебниот тепих. И како секое послушно дете верував во нив. Понекогаш во соништата летав така на една широка ишарана ткаенина, а ресите на нејзините краеви час би потскокнувале, час би понирале на топлиот југ. Во реалноста се плашев од височина, но јавајќи го волшебниот тепих од соништата станував бестрашен херој на бескрајните синила. Силно посакував да се сонувам себеси таму горе, а долу…Велосипедите како комарци, зградите како печурки, есенските крошни како брезови метли а врева никаде, од плач ниту знак. Само реката испушта едвај чујни, калливи ноти како да се дави. Некаде мирисаат топли кнедли, истите оние кои се лепат за непце и печат до солзи. Некои лекции не се учат в училиште… А во училиштето нè учеа како да го плетеме својот волшебен тепих: почитувајте ги постарите, пазете ги и уважувајте ги другарките, бидете искрени кон другарите, никогаш не смеете да лажете или не дај боже да крадете. И Марио и Миодраг и Азра и Мартина и Ален и Слаѓана и Даница и Санел и Давор. Сите ги забодувавме своите нитки во тоа магично ткаење.
Сега не се плашам од височина, туку од денот се плашам. Одамна не сум сонувал дека летам на волшебен тепих, а и не знам зошто би сонувал: од кукања и лелеци реката не се ни слуша, велосипеди никој не вози, печурки никнуваат наместо метли, а мирисот на кнедли се изгуби некаде во кујните на нашите баби. Нема врска, имаше многу други кнедли од кои се изгорев. Почитувајќи ги правилата кои ми ги наметнаа на училиште, од херој на небото станав приземјен панкер. Tempora mutantur.1 А што се случи со нашиот волшебен тепих? Ете, сите ги забивавме своите ножеви во тоа магично срање.
Но и така распарчен и излитен, тој тепих и понатаму е волшебен. Мора да е така, инаку како под него би можеле да се турнат толку лаги, измами, и други нечистотии кои не опкружуваат. Немилосрдно се турка и со раце и со нозе и со лакти и со колена. И згради и патишта и шуми…. Сè и сешто влегува под тој волшебен тепих. До еднаш. А кога ќе пукне, би сакал да сум некаде далеку, можеби некаде високо на некој друг волшебен тепих.

_________________________________________

1. Времето се менува (заб. на преведувачот)

Objavljeno u časopisu Blesok.

Advertisements

СТАТИСТИЧАР

Броеви, просеци, формули…секој ден од седум до три, пет дена во неделата. Во пет до три гледа на часовникот. Брза на автобусот број десет во четири и десет. За време на возењето пополнува лото ливче. Го пребројува ситните пари за леб. Еден и четириесет. Во лифтот притиска број шест. Го врти бројченикот на шпоретот на два. Ги менува каналите на телевизорот: на единица ништо, на број два ништо… на број осумнаесет ништо. Го вклучува радиото: деведесетитри запирка шест. Четири годишни времиња. Го гаси радиото и ги одбројува ударите на четката за заби. Го гаси светлото, легнува во кревет. Умот не се гаси. Детски наивно се обидува да брои овци. Броеви, просеци, формули…Се мачи, стенка, станува и повторно легнува. Под капаците само броеви, просеци и формули на темна позадина. Тој е дел од тие броеви, просеци. Тој е свесен за тоа, но од тоа не може да се побегне. Тој е еден од оние кои гласале на изборите, тој е еден од вработените, тој е еден од редовните ТВ претплатници, тој е број. Тој си е сам себеси работа и самиот себеси се уморува. Тој го мрази она што стана, но не гледа начин да го промени тоа. Тој не е човек, тој е машина која им служи на другите. Тој не е човек, тој е статистичар.

Objavljeno u časopisu Blesok.

КАМЕЛЕОНИ

Порано беа во шумите, висеа на гранчињата, дремеа на листовите. Со јазиците како стрели, го сечеа воздухот, без глас, без напор. Сè помало од нив беше нивен плен. Тие беа сè: и камен и кора од дрво и овенат лист. Тие беа треливи и алчни и повеќе отколку што им беше потребно за да станат круг од ланецот на исхрана. Со часови знаеја да бидат нешто друго, трансформирајќи се како маѓесник час во куп трева, час во мравјалник. Срцето би им чукало таман колку што треба, а вдишувањата би биле плитки, кратки и неприметливи. Само очи…тие незаситни скитници како воденички тркала никако немаат мир. Само очи, тие предавнички заоблени топки на лицето, само тие можеа да ги разоткријат сите тие фантастични маски.
Потоа дојдоа меѓу нас. Сега се во градовите, во куќите, во парламентите. Тие се насекаде. Тие се наши соседи, војсководци, наши кумови, љубовници…Поради нив никој веќе не разликува пријател од непријател, добро од зло, доблест од маана. Камелеоните на денешницата имаат кожа за сè и се пресоблекуваат по потреба. Учат и се прилагодуваат многу брзо. Понекогаш тие дури и не се приближуваат до пленот, ловат во од. Се здружуваат формирајќи чопори кои поставуваат перфидни замки на границата меѓу сонот и јавето. Апетитите им растат прогресивно, а илузиите со кои го збунуваат уловот стаснуваат сè посовршени и посложени. Сепак, сèе уште е можно да ја избегнете стапицата, да ја одвоите измамата од реалноста и да се спасите. За да можете да го препознаете камелоните на време, потребно е да знаете само едно: тие никогаш нема да ве погледнат во очи.
Тие никогаш нема да ве погледнат во очи!

Objavljeno u časopisu Blesok.

ДИЛЕМА

Нутриционистите ве учат што и како да јадете. Не знам како точно ги нарекувале во средниот век кога на дворовите ги учеле младите принцови и принцези како да се однесуваат на маса, што, како и кога да јадат. Овие еснафи, значи, преживеале до денес, успешно натрупувајќи го своето знаење низ вековите. Кон крајот на дваесеттиот век станаа дел од музичкиот, филмскиот и модниот свет, а неретко ги советуваа и познатите личности од политичкиот естаблишмент. Денес нивната мудрост им е достапна на сите- тие имаат безброј рубрики во списанијата (или дури и цели специјализирани изданија), серијали на телевизија, блогови на интернет….Тие се неизоставен дел од животот на манекенките, глумиците, спортистите, музичарите… Нутриционистите знаат што треба да се јаде кога лунарниот циклус е на половина пат, тие без срам ќе ви кажат дека не смеете да јадете авокадо ако сте крвна група АБ, тие ќе ве посоветуваат за витамините, протеините и останатите „ини“.
Сепак, никој од овие висококвалификувани, умни филантропи (бидејќи тие воопшто не го делат своето знаење и мислење заради заработка) не можеше да разреши една моја дамнешна дилема: Дали месниот појадок може и смее да се јаде за вечера?

Objavljeno u časopisu Blesok